„Останаа без тренер, често и без плата, но се бореа рамо до рамо со мене во секоја ситуација“

Тимот на Металург оваа сезона по подолго време го загуби второто место во македонски рамки од битолскиот Еурофарм Работник, но во Автокоманда, позитивно ја оценуваат сезоната што веќе е при крај.

Претседателот на клубот, Зорица Блажевска, вели дека е горда на ракометарите кои го носеа дресот на првиот тим на Металург и за „синото-белото“ семејство ја оценува оваа сезона како успешна.

„Кога ќе погледнам назад низ сезонава, гледам еден тим како семејство, мислам на првиот кој заедно помина многу, храбро се бореа низ Лигата на Шампионите и СЕХА Лигата, никогаш не дозволија да се посрамотиме и секогаш беа на чекор од победа со многу постари и поискусни тимови. Храбри млади момци пред кои стои светла иднина. Момци кои го освоија Мастер турнирот Гренобл, Купот на Македонија со победа над европскиот шампион и се позиционираа на третото место во домашното првенство, во едни чудни околности. Останаа без тренер, често и без плата но никогаш не ме оставија и се бореа рамо до рамо со мене во секоја ситуација. Горда сум и благодарна за тоа. За мене тие се Шампиони. Тука се мојата гордост – младинските категории, кои даваат надеж за светла иднина на клубот. Привилегирана сум со часови да ги гледам на терен на тренинзи и да се гордеам. Пионерите, младинците, младинките се шампиони на Македонија. Идните првотимци од Металург 2 ќе го подигнат шампионскиот пехар во Првата лига. Женскиот тим е шампион на Македонија во сениорска конкуренција. Можно ли е после се да не сме задоволни и горди. Оваа сезона за Металург беше успешна“, вели Блажевска за 24Ракомет.

Ростерот на Металург во следната година ќе претрпи големи измени.

„За наредната веќе сме во преговори со повеќе играчи кои ќе го засилат тимот, ќе ги пополнат местата на играчите кои заминуваат во други клубови. На Томовски, Токиќ, Миличевиќ, Маџовски, Шпенде и Пучник им посакувам многу успех во новите клубови, им благодарам за придонесот и Металург секогаш ќе биде дом за нив“, заврши Блажевска.