„Осите“ го боцнаа Металург

Ракометарите на Металург по трите врзани натпревари без пораз во Лигата на шампионите, се вратија на обврските во СЕХА Лигата, но немаа сили за нов добар резултат. Противник на македонскиот вицепрвак беше словенечкиот вицешампион Горење Велење, кој допатува во Скопје без најдобрите поединци, Алем Тоскиќ и Матјаж Брумен, но и покрај тоа се покажа како одличен тим и славеше со 24:29.

Гостите отворија преку Медвед, но ЈАгањац и Пешевски донесоа 2:1. Избраниите на Бабиќ погодија три пати во серија за 2:4, а имаа и водство од 4:8, што беше причина за тајм-аут на Јовиќ. Металург заигра подобро во одбраната, а Димитриоски на два пати од пенал погоди и беше 6:8.

Во следниот период се играше гол за гол и Горење лесно ја одржуваше разлика од 1 или 2 гола. Гостите во 25 минута преку Овничек имаа 10:12, но Анѓелиќ и Илиќ со гол од контра стрелаа за 12:12 и се мораше од нула. Потоа беше и 13:13, па 14:14, а Овничек и Клец ја искористија брзоплетоста на металурзи и повторно Горење се одлепи на 14:16, резултат со кој се замина на пауза.

По само 5 минути во вториот дел, Металург направи серија од 4 голови и поведе со 18:16. Но колку тешко стигнаа до предноста, толку лесно ја изгубија предноста. Играта без голман, два пати беше кобна за Металург, па во овие моменти се прослави голманот на Горење, Клемен Ферлин, кој погоди за 18:19.

Велковски стрелаше во гостинската мрежа за 19:19, a по голот на Цехте за 19:20, младите Димитриоски и Серафимов од пенали погодија за 21:20. Беше 21:21, кога страстите зовреа меѓу Велковски и Маркотиќ, па беа исклучени и двајцата. По 22:22, двете екипи промашија по еден напад, а Анѓелиќ во следниот донесе водство за Металург.

Македонскиот тим имаше две прилики за плус 2, но не ги реализира и казната стигна и тоа во два наврати, па Горење влезе со предност 23:25 во последните 10 минути. Јагањац намали, но и Овничек погоди за 24:26. Кога Цехте реализираше за 24:27, веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите. До крајот уште две грешки на Металург, и 2 гола на Горење за конечни 24:29.

Најдобар стрелец во домашниот тим беше Јагањац со 6 голови, а по 4 дадоа Анѓелиќ и Димитриоски, додека кај Горење се истакнаа Поточник со 5, како и Цехте и Голчар со по 4, а голманот Ферлин имаше 10 интервенции и 2 гола. За Метаург сега следува пауза, додека трае ЕХФ неделата, а следен предизвик ќе биде домашниот дуел со Чеховски Медведи во Лигата на шампионите.