Ортега нов селектор на Јапонија

Поранешниот тренер на Веспрем, шпанскиот стратег Карлос Ортега ќе застане на клупата на репрезентацијата на Јапонија. Иако во ракометните кулоари други експерти беа во комбинација за испразнетото место, ненадејниот отказ од унгарскиот шампион ја отвори вратата кон нова ракометна приказна за шпанскиот стратег. Јапонија е во потрага по нов селектор по неуспешниот обид за пласман на светското првенство во Катар и олимпискиот квалификациски циклус.

Целта на Ортега е пласман меѓу првите пет репрезентации на претстојното Азиско првенство во Бахреин, а со тоа и пласман на Светското првенство во Франција. Јапонија е во силна група и треба да изненади некој од фаворитите меѓу кои се Катар, Јужна Кореа, Иран, Бахреин и Саудиска Арабија.

Веќе сè погласни се шпекулациите дека Ортега ќе го превземе кормилото на данскиот шампион КИФ Колдинг. Од управата на клубот потврдија дека доставиле понуда, а Ортега многу веројатно ќе ја прифати. Како ќе изгледа двојната функција на јапонски селектор и тренер во европски клуб ќе одлучат резултатите кои репрезентацијата на Ортега треба да ги постигне на Азискиот континентален собир овој јануари.