ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Изгинавме, сега сме веројатно во рајот!

Сите ракометни навивачи уште мерат дали им е стабилизиран притисокот. Не е! Вакво нешто не се доживува често… Ма можеби е и само еднаш во животот. Во едно полувреме ја победивме БАРСА со 9 голови разлика!!! Ни во сон, ни на јаве, тоа не можевме да го замислиме.

Сите наши навивачки оптимистички сценарија кажуваа – само да не ни направат голема предност во прво полувреме, па иако е најсилниот тим сезонава, овој Вардар, со срце како планина, ќе му парира. Со помош на магии, трикови, пријатели и големи компјутерски знаења обезбедивме пренос дома. Пиво и ќебапи… Ден за ракометно уживање, па што биде нека биде. Вардар почна со многу грешки… Промашени зицери, мислам дека цела населба во воздух ја кренавме, затоа што ништо не боли повеќе од промашен чист шут на гол од 6 метри. Всушност ечеа истите емоции од сите прозори и балкони во Македонија, па како што ми кажаа, дури и тие што немаат спортски афинитети, следеле што се случува на теренот. Како што дојде полувремето, веќе паднавме во очај, на никој не му се гледа, си наоѓаме занимации, и само ѕиркаме кон екранот. Седум разлика од Барселона. Не треба ништо повеќе да се каже.

Почна второто полувреме. Личеше дека играме подобро, па намалуваме на САМО 5 разлика, па пак назад… И си викаме ништо, тоа е. Почнавме да се испраќаме од финалето со пријателите по пораки, да се живи и здрави… Ама бре ова е тим со срце, со душа, со машкост (да не го цитирам Столе), ма со криптонит во градите! Ова се суперхерои! Како што рече Дибиров: не памтам ништо како дојдовме од -7, на славење – така и ние. Знам дека се радувавме, ги стигавме, ама уште не ни беше верно. Во меѓувреме изгубивме глас, пулс, па пак ни затропа срцето… И одеднаш гледам, 28 минута. Тука веќе заводевме. Тајмаути, одбрани, погодоци…. Следно што се сеќавам е дека Столе наш, лав македонски, некаде на 15 секунди до крајот даде гол за 2 разлика и знаевме дека тука е готово! Во финале сме!

Не мора да ви опишувам какво скокање, викање, радост и еуфорија ни беше по дома, затоа што знам дека така ви било на сите. Сите стресови, возбуди, речиси физичка болка, на крајот се заборава со блаженото чувство на победата. Ова е таа ракометна страст што ни го прави животот поубав и никогаш нема да згасне!

Уште не ми се верува дека ова навистина се случи, ама веќе со денови имам визии дека во недела вечер ќе бидеме на плоштад. Се надевам дека ќе ми се исполнат, затоа што ова што го има Вардар е еднакво на научно-фантастичен филм. Како што рече Стоилов – ХОЛИВУД!

Пишува: А. К. Н.