Од Мотор едногласни: Вардар е шампион во ЛШ, тој е фаворит во групата

Мотор Запорожје по втор пат се најде во една од поквалитетните групи А и Б во Лигата на шампионите. Следната сезона еден од противниците ќе им биде европскиот шампион Вардар. Респектот од украинскиот тим кон Вардар е очигледно голем според изјавата на претседателот на клубот, Генадиј Касаи.

„Вардар е минатогодошниот победник, тој е фаворит. Веспрем е исто така многу сериозен кандидат за првата позиција исто како Келце и Монпелје. Исто така Кил е многу квалитетен тим, а Порто е сосема пристојна екипа за Лигата на шампиони. Има многу фаворити, но како што покажува Лигата на шампиони тие не победуваат секогаш. Сите тимови се силни“, рече Касаи.

Во групата Б е и Мешков Брест со кој Мотор има големо ривалство, но во украинскиот тим нема да се насочат кон тие натпревари да им биде приоритет да ги добијат.

„Ние играме со Мешков Брест и во СЕХА лигата и дуелите со нив во Лигата на шампионите ќе бидат подеднакво важни како и против сите останати противници“, заврши Касаи во изјавата за сајтот на Мотор.

Натпреварите од новата сезона во Лигата на шампионите започнуваат од 11 до 15 септември.