Од лабораторијата на Червар: Кои ракометари нема да го „преживеат“ првиот рез?

Понеделник е последниот ден од рокот кога поширокиот список на 28 репрезентативци кои ќе бидат во комбинација за настап на СП треба да биде доставен во ИХФ. Тој список потоа нема да се менува и од него ќе се бараат 18 или 19 кандидати кои ќе патуваат во Франција.

Она што е сигурно од поодамна дека ова ќе биде прв голем настан кој ќе мине без двајца ракометари кои порано беа неизоставен дел од селекцијата на Македонија, Филип Миркуловски и Наумче Мојсовски. Поради повреда, на Мундијалот нема да игра ниту младиот  ракометар на Металург, Филип Кузмановски.

По квалификациските дуели со Украина и Чешка, на кои видовме повеќе негативни отколку позитивни работи во играта на македонската репрезентација, селекторот Лино Червар најави „свежа крв“ во националниот тим и најави дека ќе им се заблагодари на дел од поискусните ракометари за досегашните настапи.

Од таборот на селекторот Червар се уште ги кријат имињата на ракометарите кои ќе не претставуваат во Франција, но ракометните кулоари наголемо шпекулираат за новиот експеримент. Ракометните работници велат дека на реновираниот скратен список, повеќе нема да има место за искусниот дефанзивец Ацо Јоновски, ракометарот на Бергишер, но за изненадување би била одлуката да се изостави и ракометарот на ППД Загреб, Велко Маркоски.

Според неофицијални информации, на скратениот список веројатно нема да има место ниту за левото крило на Одорхеи, Гоце Ојлески. Десното крило на Металург, Никола Костески, кој што неколку години наназад се наоѓа на поширокиот список, нема да добие шанса во првичните планови.

Македонската јавност може да ја изненадат и дилемите околу статусот на десниот бек Влатко Митков од Кремс, во кој најголема доверба имаше поранешниот селектор Ивица Обрван. Како што во една прилика изјави Червар, не дека постарите играчи не се добри, туку дека е дојдено времето да се направат неопходните промени, односно подмладување во националниот тим.

Се очекува селекторот да направи промени и меѓу стативите. Една од одлуките би можела да одекне силно меѓу ракометната јавност. Меѓу голманските имиња се споменуваат Кирил Колев, Мартин Томовски и Никола Митревски.

Новиот концепт на селекторот мораше да претрпи неколку принудни измени поради повредите на Кузмановски и Нелоски. На среден бек веројатно Червар ќе ги користи услугите на Немања Прибак, а посериозна шанса се очекува да добие најдобриот играч на Пролет, Ласко Андоновски.

Раководните лица на РФМ, не го прифатиле првичниот список на Червар, кој треба да се испрати во ИХФ. Затоа, на утрешната прес-конференција, македонската јавност ќе знае како ќе изгледа новиот репрезентативен состав и дали навистина селекторот ќе не изненади на Светското Првенство во Франција.

Подготовките на репрезентацијата планирано е да почнат на 20 декември и ќе се траат до заминувањето за Франција, со исклучок на двата слободни денови, 31 декември и 1 јануари. Репрезентацијата за Мец ќе замине на 10 јануари, а првиот натпревар е против должникот Тунис. Ќе следи уште еден африкански предизвик, Ангола, пред да дојдат најтешките задачи, односно европските репрезентации, Словенија, Шпанија и Исланд. Единствени проверки за Македонија ќе бидат дуелите со Босна и Херцеговина, со која е планирано да се играат три дуели, на 4, 5 и 6 јануари, но само еден од нив ќе биде од отворен тип за јавноста.