Од готово – вересија: Металург 2 испушти победа над Прилеп

Во одложениот натпревар од Супер лигата, поради настапот на грузискиот интернационалец Теимураз Орјонкидзе на ИХФ трофеј, ракометарите на Прилеп со три гола во последните три минути стигнаа до реми на гостувањето во Автокоманда кај Металург 2, 32:32.

Металург 2 водеше на стартот, најчесто со еден до два гола разлика, но откако Прилеп израмни на 11:11, до крајот на полувремето се играше гол за гол до 16:16. Домашните во второто полувреме стигнаа до највиски плус 4, 22:18, а потоа имаа и 26:22 и се чинеше дека бодовите ќе ги освојат избраниците на Александар Петровски.

Во 57 минута, Металург 2 имаше предност од три гола, 32:29, но гостите не мислеа да се откажат. Александар Тренчевски и на два пати Александар Бозароски погодија во домашната мрежа и освоија значаен бод во борбата за плеј-офот. Најдобри во домашниот тим беа Марио Танкоски со 7 и Мице Шилегов со 6 голови, додека Бозароски со 9 и Орјоникидзе со 8 голови, беа најпрецизни во прилепскиот тим.