Од Вогошча повикуваат на внимателност пред реваншот: Пелистер нема да се предаде

Ракометарите на Пелистер по поразот во првиот натпревар од третото коло на Челинџ Купот од босанскиот состав Вогочша Хилс на домашен терен, на реваншот ќе се обидат да го вратат тоа што беше загубено во Битола и ќе се обидат да ја срушат традицијата која вели дека македонскиот тим секогаш бил елиминиран во европските купови кога играл со екипи од Босна.

„Ние го победивме Пелистер во Битола, но тоа е само прво полувреме, а се надеваме дека и второто ќе го решиме во наша корист. Играчите се спремни и тоа е најважно. Пелистер е голема екипа но ние мораме да мислиме само на нас. Имаме квалитетна екипа, поранешни и сегашни репрезентативци и сигурно можеме да прикажеме добра игра. Ја повикувам публиката да не поддржи на овој дуел.“ – изјави тренерот Драган Гатариќ.

„Мислам дека завршивме голем дел од работата во Битола, но тоа не смее да не залаже. Пелистер ќе дојде и ќе ја бара својата шанса, а резултат од два гола разлика не е гаранција за пласман понатаму. Ние сме во добра состојба, спремни сме за добар дуел. Каменица е голем тренер и свесно на нас ни ја префрла улогата на фаворити, но ние сме спремни да се бориме со тој притисок.“ – изјави Тарик Медиќ, еден од најзаслужните за победата во Битола.

„Натпреварот ќе биде тежок, резултатот кој го имаме не гарантира лесен пласман понатаму. Она што мораме да го направиме е да ја повториме играта во одбрана од Битола и да пробаме да дојдеме до лесни голови, а тоа да не му го дозволиме на битолскиот тим. Сигурно дека тие нема да се предадат и ќе ја бараат својата шанса на овој дуел. Свесни сме дека со победа ќе бидеме единствен клуб кој ќе презими во Европа и го повикувам навивачите да ни дадат поддршка на овој дуел.“ – изјави најдобриот стрелец на Вогошча, Иван Дивковиќ.