Од Автокоманда започна третото коло во македонската Суперлига: Работнички само полесен тренинг за Металург 2

Екипата на Работнички, тимот кој минатата сезона настапуваше во македонскиот плеј-оф, го забележа третиот последователен пораз и по три одиграни кола се наоѓа на дното на табелата во македонската Суперлига.

Овојпат, Работнички како домаќин во Автокоманда загуби од младиот кадар на македонскиот вицепрвак, екипата на Металург 2. Младите металурзи уште на самиот почеток покажаа дека составот на Весиќ не е на иста висина на нивното ниво. Разликата во класи по девет минути игра ги одведе гостите на предност од 2-7 и по првите пет минути кога Работнички покажуваше знаци на живот, на паркетот во Автокоманда постоеше само еден тим. Составот на Петровски постојано го надоградуваше водството, а до првите десет погодоци предност гостите дојдоа по само 28 минути игра, за 10-20. Во последните две минути пред паузата Металург 2 преку Лазаревски успеа да постигне уште еден гол за конечни 10-21.

Во вториот дел гостинските ракометари рутинирано ја одржуваа својата предност која во поголемиот дел од натпреварот изнесуваше 10 голови. Единствените светли моменти на овој дуел, Работнички ги забележа во финишот на натпреварот кога беше решено прашањето околу победникот. „Сино-белите“ го намалија темпото, шанса да го почуствуваат теренот добија ракометари кои немаат голема минутажа во дресот на Металург 2 и затоа Работнички успеа да дојде до пораз од само шест голови разлика, 27-33.

Ова е втор триумф на Металург 2 во македонското првенство, а забележаа и нерешен резултат на гостувањето во Пролет. Моментално тимот од Автокоманда е на првата позиција на табелата по некомплетното трето коло. Работнички оваа сезона не може да се надева на изненадување и формално ќе го одигра крајот на регуларниот дел на Суперлигата за потоа својата шанса за опстанок да ја бара преку пролетната плеј-аут фаза.

РАБОТНИЧКИ 27-33 МЕТАЛУРГ 2 (10-21)

Работнички: Коџоман 1, Алексовски 1, Мирчев 3, Димовски 1, Гајиќ 5, Тасев 1, Симоноски 10, Милошески 1, Колоски 2, Бочкаровски 2

Металург 2: Реџиќ 3, Крстевски 4, Шулевски 1, Димитриоски 9, Шилегов 2, Арсеновски 2, Танковски 3, Јагуриновски 3, Лазаревски 6