Одредени сатниците за финалниот дел од СП во Катар 2015

Организаторот на мундијалот во Катар денес ги објави и официјалните сатници за почеток на натпреварите од елиминациските етапи на завршницата на Светското Првенство 2015. Натпреварите од 1/8 финалето ќе се одиграат на 25 и 26 јануари, во термините 18:30 и 21:00 (по локално време). Односно репрезентацијата на Македонија натпреварот за влез во последните 8 ќе го одигра на 25 јануари, а во зависност од местото на кое ќе се пласираат во групата Б, 1/8 финалниот дуел ќе го одиграат со почеток во 16:30 или 19:00 по македонско време. Домаќини на 1/8 финалните дуели ќе бидат Али Бин Хамад Ал Атијах Арената и Лусаил Арената. Точното место и време ќе се знаат вечерва по завршување на натпреварот Катар-Белорусија.
Натпреварите од 1/4 финалето ќе се одиграат на 28 јануари во 18:30 и 21:00 (по локално време), а полуфиналните дуели ќе се одиграат на 30 јануари од 18:30 и 21:00. Финалните натпревари ќе се одиграат на 1 фебруари во спорскиот комплекс Лусаил, со почеток од 18:30 (натпревар за трето место) и 21:00 (финале).