Одличен распоред за нашите ракометари во Катар

Веднаш по извлекувањето на ждрепката за групите на СП во Катар 2015, репрезентациите го дознаа и распоредот на одигрување на натпреварите.

И на ова поле некако се наредија коцките за нашата репрезентација. Светското првенство го стартуваме со можност за прва победа против репрезентацијата на Австрија која ни е редовен муштерија во изминативе години, но и репрезентација која од година во година напредува, и доколку биде потценета може да биде незгодна за секој противник. Во вториот натпревар одиме на можеби најнезгодниот претставник од Африка а тоа е репрезентацијата на Тунис, која во своите редови има извонредно силни и физички одлично подготвени ракометари предводени од едно искусно тренерско име на клупата како што е Сеад Хасанефендиќ. Во третото коло играме против Хрватската репрезентација. Тоа е репрезентација за која не треба да се трошат многу зборови, доминантна во изминативе 15 години на Светската ракометна карта и која скоро од секој шампионат си заминува со медал. Тоа ќе биде натпревар во кој нашата репрезентација нема што да изгуби, а може многу да добие со победа против репрезентацијата која ретко кој успеал да ја совлада на големите натпреварувања.Во последните два натпревари играме против Босна и Херцеговина и Иран. Две репрезентации од кои објективно сме поквалитетни и доколку нема некакви непредвидени проблеми би требало да забележиме две победи.

Пласман во понатамошниот дел од Светското првенство обезбедуваат првите четири репрезентации од групата, но целта е секако да се забележи што повисок пласман во групата како би се добил полесен противник од групата со која вкрстуваме а тоа е групата А ( Шпанија, Катар, Словенија, Белорусија, Бразил, Чиле).

Оваа група и распоред е една голема шанса за нашите репрезентативци да се обидат да го остварат до сега најдобриот пласман на Македонија на Светските првенства и секако да се изборат за пласман на Олимписките игри.

Распоред на натпревари:

Прво коло: МАКЕДОНИЈА-Австрија, Хрватска-Иран, Бих-Тунис.

Второ коло: МАКЕДОНИЈА– Тунис, Иран-Австрија, Хрватска-Бих.

Трето коло: МАКЕДОНИЈА-Хрватска, Австрија-Тунис, Босна-Иран.

Четврто коло: МАКЕДОНИЈА-Бих, Хрватска-Австрија, Иран-Тунис.

Петто коло: МАКЕДОНИЈА-Иран, Австрија-Бих, Тунис-Хрватска.