Одличен крај на првиот циклус: Вардар импресивен и против Татран

Во натпревар од 8-то коло од СЕХА лигата екипата на Вардар го совлада словачкиот првак Татран Прешов со 32-26.
Натпреварот го отвори Стоилов, а Тимур Дибиров ја наговести “црвено-црната” серија со два гола едноподруго. По почетните 6 минути “црвено-црните” имаа 5-0, благодарение пред се на одличните интервенции на Арпад Штербик. Во 13-та минута Дибиров постигнува погодок за највисоките шест погодоци предност 10-4. Во 23-та минута Горбок зголеми на седум голови 15-8.
До крај на првиот дел Татран успеа да ја намали предноста на Вардар на шест, со погодокот на Кристопанс во последните секунди од првиот дел, за 18-12.
Советите на Петер Давид на паузата не донесоа ништо ново во играта на Татран. Вардар и понатаму ја диктираше играта, а словачките ракометари каскаа зад македонскиот вицепрвак. Во 45-та минута Штербик отиде на заслужен одмор, а Петар Ангелов имаше тешка задача против конта-нападите на Татран. Со серија од 4-0 гостите намалија на пет разлика 25-20. Во последните 10 минути Вардар имаше шест голови предност,која ја задржа до крајот на натпреварот 32-26
Најпрецизен во редовите на Вардар беше Тимур Дибиров со 10 погодоци, додека Кристопанс постигна 8 голови за гостите.