Ова е таа моќна Македонија: Тунис демолиран за почеток на успешна ракометна бајка во Катар!

Во првиот натпревар на СП во Катар нашата репрезентација доминантно го започна СП, совладувајки го Тунис со високи 33-25 (18-14). Фантастична партија буквално на целиот национален тим, и во одбраната и во нападот. Игра која ветува еден одличен настап на мундијалот во Катар, па зошто не и за остварување на најголемиот ракометен успех на големите ракометни натпреварувања.

МАКЕДОНИЈА-ТУНИС 33-25 (18-14)

manaskov
Играч на натпреварот- Дејан Манасков ( 6 гола од 6 обиди)

Со головите на Хамед и Жалуз, Тунис го имаше почетното водство натпреварот од 0-2. Кире Лазаров со удар од 7 метри го постигна првиот гол за нашата репрезентација за намалување на 1-2. Тунижаните своето последно водство во првиот дел го имаа во седмата минута кога пикерот Теж постигна погодок за 3-4. Од тој момент нашата репрезентација ја започна својата препознатлива игра, успевајки да направи фантастична серија од 6-0 која ја отвори Миркуловски а ја затвори Георгиевски за 9-4 во 13 минута. Борко Ристовски беше одличен на голот во тие моменти, а нашите репрезентативци со смирена игра ја торпедираа мрежата на Тунис. Со добрата игра продолживме и во следните минути кога со головите на Манасков и Мојсоски дојдовме до највисоките +6, 11-5 во 16 минута. Од овој момент следуваше пад во играта на нашата репрезентација, кој Тунижаните го искористија на најдобар можен начин правејќи серија од 8-3 со која успееа да ја вратат неизвесноста на натпреварот намалувајки на само гол негатива, 14-13 на пет минути до крајот на првиот дел.Лазаров одговори на најдобар начин кога беше најтешко прекинувајки го налетот на противникот за 15-13. Санаи беше ракометарот кој ни задаваше најголеми проблеми на крајот на првиот дел повторно намалувајки на 15-14. Сепак нашите ракометари собраа сили во последните минути, и со три голови во серија на Георгиевски, Стоилов и Мојсовски дојдовме до заслужени 18-14 на полувреме.

Македонија во ист ритам продолжи и во вториот дел. Извонредниот Манасков со својот петти погодок од пет обиди по само четири минути ги враќа највисоките 6 позитива 21-15. Разликата помеѓу 4 и 6 голови умешно ја одржувавме во текот на целото второ полувреме. Ристовски беше одличен на голот, а новиот офанзивен бран на нашата репрезентација резултираше голот на Лазаров од седум метри, за највисокото водство на натпреварот од 30-21 на пет минути до крајот. До крајот на натпреварот нашите ракометари го торпедираа голот на Тунис од секоја позиција, да пратат порака до сите противници во нашата група дека Македонија е созреана за најголемиот ракометен успех. На крајот конечни 33-25, за одличен почеток на нашата репрезентација, победа за самодоверба која може да не однесе високо на овој мундијал.

Лазаров со 10 гола беше најефикасен во нашата репрезентација, а го следеа Манасков и Миркуловски со по 6. Борко Ристовски беше одличен на голот со 14 интервенции.

Играч на натпреварот: Дејан Манасков (6 гола од 6 обиди)