Оваа „млада“ Македонија има квалитет: Ракометарите во Топ-16 на СП во Алжир

Македонија со победа во последниот натпревар од групата Ц на Светското младинско првенство против Бразил од 28-23 обезбеди пласман во осминафиналето. Избраниците на Илија Темелковски по неочекуваниот пораз од Тунис и катастрофалното издание против Шпанија за осминафилна виза мораше да победат во последниот натпревар. Македонија по групната фаза заврши на втората позиција. Во групата Д со која вкрстуваме речиси се е познато, па за противник во осминафиналната фаза ќе ги имаме домаќините селекцијата на Алжир или Аргентина.

По првото полувреме Македонија има предност од 14-11. Одлична одбрана, технички грешки и расположени бекови беа причината за предност од три голови по првите 30 минути.  Македонија одлично отвори и имаше предност од два гола, но Бразилците бргу се вратија и по пет минути игра го изедначија резултатот. Во слично темпо продолжи натпреварот, а иако Македонија ја имаше иницијативата не успеа комплетно да се одлепи.  Неизвесната игра траеше до 20та минута, кога со низа од три гола Македонија дојде до опиплива предност која пред крајот на првите триесет минути се искачи до 14-10.

На почетокот на вториот дел избраниците на Темелковски им дозволија на Бразилците да фатат приклучок во овој натпревар и по само пет минути да се доближат на само -1. Тоа беше вовед во возбудливо второ полувреме во кое Македонија го диктираше темпото и резултатот. На средина на второто полувреме Македонија имаше +3 (19-16), но разликата бргу се истопи, па во последните 10 минути двете селекции влегоа израмнети на 21 гол.

Во 51та минута Бразил дојде до првото водство на натпреварот од 21-22, но Талески веднаш возврати. Даниловски беше на висина на задачата, па Македонија повторно го превема водството на натпреварот, а Кузмановски ја врати предноста од +2 на четири минути до крај(24-22). Цели девет минути Бразил не постигна гол, затоа крај на надежите за бразилските ракометари стави Шилегов на две минути до крај за високи и недостижни 25-22, а победата ја потврди Арсеновски за 26-22. Бразилците конечно успеаа да ја пронајдат мрежата на Даниловски, но беше доцна за нешто повеќе. Македонија прослави пласман во мундијалското осминафинале со конечни 28-23.

Во составот на Македонија Талески беше најефикасен со 8 голови, а го следеше Велковски со 5 погодоци.