Обрван: Во Полска фокусот ќе биде на квалификациите за Олимписките игри

Пред заминувањето на турнирот во Умаг, македонската ракометна репрезентација го одржа првиот собир во „Јане Сандански“. Националниот тим со подмладен состав заминува во Хрватска, а селекторот Обрван очекува токму младата гарда да ја искористи оваа шанса и да се избори за стандардно место во селекцијата.

Во Умаг ќе недостасуваат голем дел стандарни репрезентативци, а шанса ќе добијат неколку помлади ракометари. Што очекувате од нив на овој турнир?

Обрван:

Да , неколку стандардни репрезентативци се повредени. Ќе се обидеме во Умаг да им дадеме шанса на неколку млади ракометари, без резултатски императив, на кои ќе им бидат толерирани и грешките. Во секој случај ќе се обидеме да го дадеме максимумот што се однесува до пристапот на играта, дисиплината, и да видиме кој од тие 6-7 млади ракометари колку може да даде за репрезентацијата во иднина.

Trening na rakometna reprezentacija (pred Umag)-0515

Хрватите велат дека Македонија ќе ја глуми Норвешка, кого ќе глуми Хрватска за Македонија?

Обрван:

Не знам зошто даваат такви изјави. Ние нема никого да глумиме, ќе играме максимално со кадарот со кој моментално располагаме и да видиме каква игра можеме да пружиме. Не не интересира како Хрватска размислува и како тие сакаат да играат.

Дали и во Полска ќе им дадете шанса на дел од овие млади ракометари?

Обрван:

На нив е да се наметнат во репрезентацијата, а наше е да видиме кои се тие, и секако дека поедини ракометари имаат шанса да се најдат на Европското Првенство во Полска.

Каква е стратегијата на Македонија во Полска? Ќе се оди на резултат или..?

Обрван:

Премногу е рано да одговорам на тоа прашање. Ние на секое првенство одиме да обезбедиме најдобар пласман. Ќе се обидеме да ја поминеме групата која е исклучително тешка и да се пласираме во вториот круг, а наш најголем фокус ќе бидат квалификациите за Олимписките игри. На ЕП во Полска ќе се обидеме да го извечеме максимумот, и можеби да извадиме некој млад квалитетен ракометар.