Ноќ за историја покрај езерото: Охрид е во второто коло на ЕХФ Купот!

По вчерашното реми, 24:24, ракометарите на Охрид во реванш мечот од првото квалификациско коло во Купот на ЕХФ, славеа над холандскиот Волендам со 23:24 и со тоа се пласираа во следната рунда, каде ќе имаат вистински предизвик во португалскиот Порто. За разлика од вчера, тренерот на охриѓани мечот го почна со пикерот Иван Тасески и не погреши.

Тасески заедно со Андоновски и Адамовиќ го отворија мечот со голови за 0:3 по само 5 минути игра. Водеше Охрид и со 1:5 во 11 минута, но Волендам е доволно искусен тим за да не промашува во серија, па се доближија на 5:6. На местото на Младеновски влезе Бирдахиќ, на голот Трајковски одбрани два пати во серија и тимот на Андоновски ја врати предноста од 4 голови 8:12 во 27 минута.

Публиката во салата и „рибарите“ станаа кога Трајковски одбрани цепелин на гостите. Охрид имаше шанса и за плус 5, но промашија во нападот, а Мршуља од пенал погоди за 9:12. Намалија и на 10:12, но Јовица Младеновски со звукот на сирената донесе плус 3, 10:13 се замина на пауза.

На стартот на вториот дел Волендам намали на 11:13, имаа шанса и за минус 1, но не ја искористија бидејќи Трајковски одбрани. Потоа Младеновски и Блажески ги вратија работите на место и Охрид повторно можеше да биде мирен, 11:15. Условно гостите на овој дуел имаа и највисоки плус 5, 12:17 во 40 минута.

По техничките грешки во нападот на Охрид, холандскиот тим се доближи на 17:20. Беа исклучени Спасовски и Тасески, па Волендам имаше пенал за минус 2, но голманот Трајковски одбрани. Сепак Охрид уште два пати згреши во нападот и Волендам комплетно се врати во игра во 50 минута, 19:20. Блажески промаши пенал, па Волендам дури и израмни на 20:20 и се мораше да почне од нула.

Беше и 21:21 во 53 минута, пред Тасески да погоди за водство на Охрид со 21:22. Истиот играч во следната акција доби црвен, и син картон поради фаул на Бемстербоер, па мораше Кљаиќ да влегува во игра. Гостите добија пенал но Трајковски одново се испречи и не дозволи гол во неговата мрежа. Сепак Охрид згреши и Волендам пак беше на нула, 22:22.

Имаа гостите напад и за водство на минута и пол до крајот, но Јозеф биеше над голот. Димитријески стрелаше во следниот напад на 66 секунди до крајот за 22:23, пред гостинскиот тренер да побара тајм-аут. Волендам згреши во нападот, а Блажески погоди за 22:24, пред холандските ракометари да намалат на 23:24, но и покрај тоа славјето можеше да почне.

Прв стрелец во победничкиот тим беше десното крило Бобан Блажески, додека се истакна и левиот бек Дервиш Бирдахиќ со 4 голови.