Норвешка блиску до полуфиналето: Норвешка го осигура првото место со победа над Шпанија

Во најинтересниот натпревар на денешната програма, победниците од Групите А и Б ги вкрстија копјата за да го донесат првиот полуфиналист на Европското првенство.

ГРУПА 1 (Дебрецен)

ШПАНИЈА 26-29 НОРВЕШКА (16-16)

Шпанија го започна натпреварот со предност од 2-0, разлика која ја задржаа до 8-та минута кога Ригелут, а потоа и Херем беа прецизни за првото израмнување на натпреварот на 6-6 во 10-та минута. Три минути подоцна Ригелут го донесе првото водство за екипата на Норвешка 7-8. Резлутатската неизвесност и игра гол за гол траеше до 27-та минута кога Мартин и Чавез повторно го поставија највисокото водство на шпанската репрезентација за 15-13. На Норвежанките им беа потребни само 30 секунди да го израмнат резултатот за по првите 30 минути на пауза да заминат израмнети на 16-16.
Почетокот на второто полувреме им припадна на Норвежанките кои со серија од 3-0 го обезбедија највисокото водство на натпреварот од три голови предност, 17-20. Шпанките бргу се вратија во натпреварот со своја серија од 3-0 и во 40-та минута преку Мартин го израмнија резултатот на 20-20.
Во следните пет минути Норвешка го покажа своето најсилно оружје- добра одбрана и ефикасен контра-напад, оружје кое беше одлика и на Шпанките во досегашниот тек на шампионатот. Со серија од 5-1 Норвешка обезбеди четири голови предност,21-25 пред финалните 13 минути.
Шпанија повторно го возврати ударот, во 48-та минута Манге ја започна серијата од 4-0 која Пена ја заврши во 54-та минута за ново израмнување на резултатот 26-26. Бетина Ригелут го врати водството, а Нина Морк повторно ги одведе Норвежанките на два гола преднсот 26-28. Морк ги постави конечните 26-29 за зацврстување на првата позиција во Група 1.

Пена беше најпрецизна со 6 погодоци во редовите на Шпанија, а Бетина Ригелут постигна 7 за Норвешка. Одличната Норвешка голманка ги собра сите пофалби на натпреварот со 16 одбранети удари.

Ракометарка на натпреварот:
НОРВЕШКА: Хајди Локе
ШПАНИЈА: Мартин Кармен