Норвежанките со лекција по модерен ракомет: Ларвик е првиот финалист на Фајнл Фор турнирот!

Ларвик е првата екипа која избори пласман во финалето на Лигата на шампионките, а тоа го направи импресивно без ниту еден пораз оваа сезона. Ракометарките на Динамо кои ја имаа улогата на Митјеланд од минатата година, беа вистинско изненадување на елитното европско натпреварување, поради кое ја жртвуваа титулата во руското првенство.
FLP_0204-2
ЛАРВИК 31-22 ДИНАМО-СИНАРА (16-13)
Почетните моменти од натпреварот изминаа во резултатска неизвесност и фантастична претстава на една од највозрасните ракометарки на овој Ф4 турнир, Корен Ригелхуд која постигна четири голови за минимално водство на Ларвик од 5-4 по првите 10 минути игра. Веќе следната минута Кочетова го израмни резултатот, но иако имаше неколку шанси екипата на Динамо не успеа да го превземе водството. Морк, Солберг и Ригелхуд ги поставија првите три голови разлика за норвешкиот шампион од 10-7. Највисоката предност Ларвик ја имаше во 26-та минута кога Ања Един со својот втор гол создаде предност за својот тим од 4 погодоци за 14-10. До крај на првиот дел, Ларвик го контролираше резултатот, а на пауза заминаа со 16-13. Фантастична во првото полувреме беше и голманката на Ларвик, Сандра Тофт која имаше 11 интервениции.
FLP_0202-2
Почетокот на вториот дел го одбележија многубројните грешки во нападот на Русинките, Ларвик го искористи невниманието на противникот и преку нивното најсилно оружје-контра нападот создадоа предност од седум голови по шест минути игра. Нешто повеќе од шест минути им беа потребни на ракометарките на Динамо за да го постигнат првиот гол. Дашина од пенал и Акопјан за момент го запреа налетот на Норвежанките, но одговорот следуваше веднаш. Со серија од три погодоци во низа, норвешкиот шампион за прв пат достигна разлика од осум погодоци 24-16. Ларвик ја одржуваше разликата до самиот крај на натпреварот. По шеесет одиграни минути во првиот полуфинален дуел од Лигата на шампионките Ларвик ја совлада екипата на Динамо со 31-22.
FLP_0065-2
Најпрецизна во редовите на Ларвик беше Корен Ригелхуд со девет погодоци, додека кај Динамо, Дмитриева постигна седум, а Дашина пет(сите од линијата за седум метри).

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ