Норвежанките се пофалија: Ќе им судиме на машки екипи во Катар

Во 2012 година сестрите Бонавентура влегоа во историјата откако за прв пат еден женски судиски пар имаше можност да ја дели правдата на финале од Олимписките игри, тие беа пионери и ја отворија вратата за женските судии во машките национални лиги, а врвот го достигнаа откако беа делегирани за машкото Светско првенство во Франција 2017 година. Но се чини дека ерата на сестрите Бонавентура полека заминува, а се прави место за новите „фаворити“ на ИХФ, норвешкиот судиски пар Кјерсти Артесен и Гуро Роен. Норвежанките полека ја крадат славата на нивните француски колешки, а нивниот рејтинг во круговите на судиската организација при ИХФ оваа година им донесе нов предизвик- Супер Глоуб турнирот во Доха.

Роен и Артсен се наметнаа во ракометните судиски кругови во изминативе пет години, а нивниот квалитет имаа можност да го покажат на женскиот турнир во Рио и олимпиското финале меѓу Русија и Франција. Во својата богата кариера Норвежанките двапати беа дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите, а во 2016 година ја дела правдата во историското финале меѓу Ѓер и ЦСМ Букурешт. Откако сестрите Бонавентура ја отворија вратата кон машкиот дел од ракометните лиги, Роен и Артсен го следеа нивниот чекор и изминатава сезона се испробаа и на неколку натпревари од машката национална лига.

Во духот на традицијата и веќе воспоставената практика, ИХФ повторно ќе делегира женски судии како дел од натпреварувањата кои се под капата на оваа организација. Оваа година честа да бидат дел од арбитрите кои ќе им судат на најдобите екипи во светот ќе им припадне на Норвежанките. Роен и Артсен се делегирани да бидат дел од неофицијалното светско клупско првенство во Катар, кое ќе се одржи од 25-28 август 2017 година. На турнирот во улога на носител на титулата европски клупски првак ќе настапи и македонскиот шампион Вардар.