Норвежаните се побунија: Големиот број натпревари се причина за повредите на ракометар(к)ите

Во текот на изминатите девет месеци, четири норвешки репрезентативки заработија тешки повреди кои ги одалечуваат подолг период од терените. На повредените од претходно на Кетрин Лунде, Аманда Куртовиќ и Кирстен Солас, неодамна се приклучи и Нора Мерк која ќе ја пропушти речиси целата сезона. Сите ракометарки се отсутни поради иста повреда, а тоа е кинење на предните вкрстени лигаменти.

Претходно и многу познати ракометари и спортски работници зборуваа за фактот дека намалувањето на бројот на натпревари ќе значи и намалување на бројот на повреди. Сега и спортските медицински експерти повторно ја актуелизираат темата. Професорката на Универзитетот во Осло и физиотерапевт, Грете Муклебуст која 30 години ги проучува ваквите повреди на спортистите во една нејзина публикација напиша:

„Бројот на натпревари треба да се намали, имаме причина да заклучиме дека сега се играат премногу средби во текот на годината. На играчите им треба повеќе време за тренинг и целосно закрепнување. Понекогаш само им е потребна релаксација. Благодарение на истражувањата знаеме дека ризикот од повреда на лигаментите за време на  натпреварите е за 30 пати поголем отколку на тренинзите. Знам дека Ракометната федерација на Норвешка е загрижена за ова прашање, но одлуката за намалување на натпреварите треба да се донесе на меѓународно ниво“, рече Муклебуст.

Овој проблем го имаат и многу други земји, но и понатаму нема најави за намалување на натпреварите.