Нов шок од „Јане Сандански“: Во јуни, Сергеј Горбок заминува од Вардар

Македонскиот шампион веќе извесен период е актуелен на трансфер пазарот, но по ракометарите кои се одлучиле да ги напуштат „црвено-црните“ редови.

По одличниот Алем Тоскиќ и борбениот Матјаж Брумен на ред да го објави своето заминување дојде Сергеј Горбок. Рускиот репрезентативец беше еден од клучните ракометари во тимот на Вардар оваа сезона, тој е еден од ретките бекови во редовите на Вардар кои можеа да ја пробијат зоната на противникот од надворешните линии. Горбок како и Тоскиќ и Брумен беше дел од клучните ракометари овие две сезони, а по негова желба тој го напушта клубот на крајот на оваа сезона.

Извршниот директор на клубот Давор Стојановски за официјлниот сајт на Вардар истакна:

„Задоволство ни е што овие две сезони го имаме Сергеј Горбок како дел од тимот. Со својата посветеност и преданост покажа голема професионалност, и во моменти на радост и на тага. Клубот му заблагодарува за неговиот досегашен придонесе, му излезе во пресрет на барањето, и му посакуваме успех во натамошната кариера во иднина. Верувам дека и сезонава заедно ќе се радуваме на уште доста успеси.“

Голем удар за управата на клубот кој требаше да има највисоки амбиции. Во најава е заминување на уште еден македонски ракометар, а како ќе одговорат од „црвено-црните“ редови ќе дознаеме откако ќе се комплетира ростерот за следната сезона, на крајот на јуни.