Нов шампионски танц на „црвено-црните“: Вардар триумфално и убедливо во Арената во Загреб

Вардар дојде до шестата победа сезонава и конечно доминираше во Арената во Загреб. Беше одработен одличен меч во кој во сите 60 минути Вардар беше тимот што доминира, па победата од 29:23 е повеќе од заслужена. Триумфот можеше да биде далеку поголем, но во финишот дојде до опуштање така што на крајот и овие шест гола беа повеќе од доволни за нови поени и задржување на врвот во групата А пред двата дуела со Рајн Некар.

Од првиот напад се виде решеноста на ракометарите на Вардар конечно да го освојат Загреб со убедлива игра, а тоа им одеше одлично. Борозан и Чупиќ ја отворија средбата со два погодока, а ова беше одлична можност за добар старт во средбата.

Загреб успеа само да намали, но не и да израмни. Добрата одбрана и стандарно квалитетното ниво на Штербик овозможија Вардар постојано да ја зголемува разликата. Предноста беше зголемувана и немаше никаков проблем постојано да се оди кон поголема и поголема позитива.

Домашните ризикуваа премногу со оглед на тоа што немаа друго решение. Играа без голман во обид да стекнат предност во нападот, а тоа не им даваше резултат. Тука Вардар користеше, па во 21. минута беше обезбедена првпат предност од шест гола, 6:12.

Како што одминуваше времето од првото полувреме така стануваше јасно дека Загреб нема да намали, но Вардар сигурно ја чуваше позитивата така што беше постојано 5 до шест гола. Доколку Вуглач не искористеше во последните моменти од првото полувреме тогаш и на полувреме ќе беше плус шест за Вардар. Вака „црвено-црните“ заминаа на одмор со 10:15.

Во првиот дел царуваше Штербик кој го заврши полувремето со 13 одбрани што секако беше огромен придонес во предноста на Вардар. Голманите на Загреб имаа само две интервенции.

Второто полувреме беше веќе само формалност. Загреб не успеа да даде отпор. Одбраната на Вардар беше едноставно прецврста за Загреб да успее да ја пробие. За 17 минути во второто полувреме, Загреб постигна само пет гола, а тоа Вардар знаеше како да го претвори во убедлива предност која дојде и до девет гола, 15:24. Тука веќе беше јасно каде одат бодовите од овој меч и дека Вардар останува непоразен и после седмото коло, а со тоа и лидер во групата А.

ППД ЗАГРЕБ – ВАРДАР                23:29 (10:15)

Сала: Арена во Загреб. Судии: Јонас Елијасон и Антон Палсон од Исланд. Делегат: Јанко Пожежник од Словенија.

ППД ЗАГРЕБ: Скок (3 одб.), Кастелиц (4 одб.), Ж. Марковиќ 1/7, Мраковчиќ 2/3, Божиќ Павлетиќ, Контрец 1/2, Вори 2/2, Д. Марковиќ 0/2, Хорват 3/4, Сушња 2/2, Ј. Валчиќ 1/1, Т. Валчиќ, Мандалиниќ 6/12, Хрстиќ, Вуглач 3/6, Бичаниќ 2/5.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР: Штербик (20 одб.), Милиќ, Стоилов, Криштопанс 4/6, Мораеш 1/1, Македа 3/5, Карачиќ 2/3, Абутовиќ, Кањелас 2/3, Циндриќ, Чупиќ 7/7, Дибиров 2/4, Шишкарев 1/1, Борозан 6/14, Војводиќ 1/1, Марсениќ.

Седмерци: 7/7, Исклучувања: -.