Нов скандал во регионот: И ракометар на Нексе падна на допинг тест!

Откако во минатиот месец беа обелоденети позитивни допинг тестови во Македонија и во Полска, нов случај на позитивен тест има и во Хрватска во сехалигашот Нексе од Нашице. Станува збор за десниот бек Борна Манци Мичевиќ, во моментов на позајмица во Спачва, кој бил позитивен на стимуланс во тестирањето спроведено од страна на Хрватскиот завод за токсикологија и антидопинг.

Уште пред месец и половина, стигнале лабораториски наоди кои во примерокот урина покажувале присуство на ОКТОПАМИН, забранет стимуланс. 21-годишниот Мичевиќ не бил под терапија со која би можел да му биде дозволено да го користи тој стимулан, но некогашниот кадетски и младински репрезентативец на Хрватска побарал тестирање на Б примерок.

Во испитувањата во лиценцираната лабораторија на Светската анти-допинг агенција ВАДА во Виена, потврдено е дека и Б примерокот е позитивен. Мичевиќ доби привремена суспензија од Хрватскиот Завод за токсикологија и антидопинг, а каква ќе биде официјалната суспензија останува да видиме во следниот период.