Нов предизвик за голманот: Даниел Дупјачанец две години во Азоти Пулави

Поранешниот репрезентативец на Македонија и доскорешен голман на швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, Даниел Дупјачанец е нов член на полскиот тим Азоти Пулави. Тој потпиша двегодишен договор со амбициозниот тим, кој неколку години по ред е зад големите Киелце и Висла Плок.

Конкуренција меѓу стативите ќе му бидат Русинот Вадим Богданов и украинскиот голман Валентин Кожевој, а со Азоти Пулави ќе игра и во Купот на ЕХФ. Своевремено голот на полскиот тим го бранеше и Кирил Колев.

Дупјачанец кога беше член на Металург, бранеше во Лигата на шампионите, а доби и покана од тогашниот селектор на Македонија, Ивица Обрван и беше дел од репрезентацијата на ЕП во Полска. Тој потекнува од составот на Тутунски Комбинат Бренд. Има настапувано и за тимот на Младост Богданци, имаше и своја интернационална кариера во Ирак, во тимот на Алуминиум Арак, a пет сезони мина и во Косово, во екипите на БЕСА и Приштина.