Нов несреќен пораз за Металург: Мешков со четири бода од Скопје

Во рамките од третото коло на СЕХА лигата, македонскиот вицепрвак во Вип Арената го пречека составот на Мешков од Брест. Белорускиот шампион пристигна во Скопје како фаворит особено по нерешениот резултат во Скопје против Вардар и убедливото издание на гостувањето во Љубишки кај Извиѓач.

metmes

Македонскиот вицепрвак повторно одигра одличен натпревар. Уште на самиот почеток не дозволи гостинските ракометари да создадат посериозна предност, а изедначената игра во која ниту една екипа не успеа да се оддели повеќе од два погодока разлика го одбележа првото полувреме кое заврши со резултат 11-11.

metmes-5

Металург преку Обрадовиќ го отвори резултатот, но брзи два погодока го одведоа Мешков во резултатска предност. По првите десет минути, Мешков постојано ја имаше контролата над резултатот, но Металург не дозволи поголема негатива од еден гол. Затоа во средината на првиот дел се променија улогите, ракометарите на Лино Червар врзаа два погодока во низа и предноста од еден гол ја одржуваа до 20-та минута.

metmes-7

Но, Металурзите не успеаа да ја задржат предноста. Низа грешки надополнети со чудниот критериум на искусниот словенечки судиски пар Љубиќ и Крстиќ во 17-та минута ги одведоа белорусите на три погодока разлика (6-9, 17′ Шиловиќ). Ракометарите на Мешков разликата ја задржаа до 27-та минута, но Драгаш во последните две минути им донесе реми на домаќините (11-11) пред паузата.

metmes-9

Почетокот на вториот дел Мешков го отвори со серија од три последнователни погодоци (11-14), разлика која ги одбележа дваесетте минути од вториот дел. Во 41-та минута Мешков имаше и четири погодоци предност, но профункционира одбраната на Металург, брзите контри беа прецизни, а расположените Талески, Нелоски и Драгаш донесоа израмнување на резултатот на 21-21 во 49-та минута.

metmes-4

Следуваше вистинска драма во спортскиот центар „Борис Трајковски“, Мешков имаше предност, но борбениот Металург беше веднаш зад нив. Во 54-та минута откако Талески го пресече белорускиот напад при резултат 23-23, Пешевски стрелаше прецизно, но словенечкиот судија досуди престап, а Металург веќе не успеа да ја врати резултатската предност.

metmes-3

Во последната минута од натпреварот Мешков влезе со гол предност откако Стојковиќ беше прецизен од линијата за седум метри, а за последниот напад на Металург останаа 40 секунди кои Металург не успеа да ги искористи. По шеесет одиграни минути на семафорот беше испишан резултатот 24-25.

Најпрецизен во составот на Металург беше Никола Костески со 7 погодоци, додека Талески постигна шест. Во редовите на Мешков Атман и Никуленку беа прецизни по четири пати.

Во наредното коло на 18.09 Металург во Скопје го пречекува словачкиот првак Татран Прешов.