Нов меч за шампионот на СЕХА: Вардар игра против Динамо, а мисли на Рајн Некар

После пауза од нешто повеќе од три недели, Вардар има нов меч во СЕХА-лигата, а ривал е екипата на Динамо од Панчево која гостува на теренот на актуелниот освојувач на ова натпреварување. Вардар е во победнички ритам уште од стартот на сезоната, па веќе има шест победи во Регионалната лига така што денеска само се очекува продолжување на ритамот и седми триумф.

Динамо е дебитант во лигата и има само три бода од досегашниот дел на сезоната, па на овој дуел не се очекува поголем проблем за ракометарите на Вардар кои веќе може да размислуваат за дуелот против Рајн Некар в сабота на кој треба да го „забетонираат“ првото место во групата А во Лигата на шампионите.

Сепак, ако се оди според зборовите на тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, никогаш не треба да се брза и треба да се мисли само за оној натпревар кој следува. Факт е дека денеска тој ќе има можност да одмори поголем дел од играчите и дека шанса да играат ќе добијат оние кои имаат помала минутажа.

„Малку сме заморени, а и немавме многу време за подготовки за овој натпревар. Ние сме фаворити против Динамо. Очекувам да играме интензивно и треба да победуваме на сите мечеви. Имавме интензивен меч во саботата, но сега треба да се фокусираме на СЕХА-лигата“, изјави тренерот на „црвено-црните“.

Средбата почнува од 17:45 часот, а ова е натпревар на кој се очекува седма победа за Вардар во низа во оваа сезона во Регионалната лига.