Нов кикс на Франција: Дембеле промаши шут за победа над Шведска

Домаќинот на Европското првенство, Франција, направи нов кикс на континенталниот собир и се оддалечи од место во полуфиналето. Избраничките на Оливие Крумболц одиграа само нерешено, 21-21 со селекцијата на Шведска, иако и двете репрезентации имаа шанси за полн плен.

Шведска отвори со водство од 3-0 на стартот, но по дваесетина минути, Французинките се вратија во игра и израмнија на 9-9 преку Коатанеа. Сепак повторно попуштија под притисокот во финишот на полувремето и скандинавките заминаа на пауза со 14-11.

Во вториот дел Шведска имаше и +4, 17-13, а по 18-16 во 40. минута, се чекаше на следен погодок дури десет минути, кога реализира Бломстранд за 19-16. Тогаш на сцена стапија Лакрабер и Оует кои на пет минути до крајот израмнија на 19-19.

Се играше гол за гол до 21-21, на две и пол минути до крајот. Потоа и двете селекции имаа по два напади за водство, а последната шанса ја пропушти искусната Сираба Дембеле Павловиќ, која промаши во последната секунди за победа на Франција и мечот заврши реми, 21-21.

Најдобар стрелец во Шведска беше Изабел Гулден со шест голови, а голманката Филипа Иден имаше 14 интервенции. Во фрацнускиот состав Лејно и Глосер искомбинираа 13 одбрани, а Александа Лакрабер даде пет голови.