Ново Европско првенство за македонската младинска репрезентација

Последниот натпревар на квалификацискиот турнир во Шафхаузен одлучуваше кој ќе биде последниот патник на Европското првенство во Данска. Филип Кузмановски пропатува стотици километри за да и помогне на Македонија да ја премости последната пречка, репрезентацијата на Црна Гора.

Македонските репрезентативци лошо го отворија дуелот. Вујовиќ и Јауковиќ и донесоа почетна предност на Црна Гора од 0-2. По пет минути Македонија израмни, а по низа грешки во седмата минута го превзема водството. Тука започна ракометната рапсодија на младите репрезентативци, водството се зголемуваше за до крајот на првиот дел да изнесува 18-11.

Во 35 минута Македонија имаше напад за десет погодоци разлика, но не го искористи. Избраниците на Александар Јовиќ чекаа до 43-та минута за првата двоцифрена предност, Јагуриновски реализираше за 27-17. Кога веќе сè беше познато, Македонија ги искористи последните десет минути да ги постави највисоките четиринаесет голови разлика (36-22 58’). Во последниот период својата шанса ја искористија и помладите македонски репрезентативци. Црногорците се обидоа да ја намалат разликата за чесен пораз, но натпреварот заврши со убедливи 36-24 за славје во македонскиот табор.

Најпрецизен во составот на Македонија беше Кузмановски со 10 голови, Јагуриновски постигна 7, Крстевски 5, Палевски 4, додека Велковски, Маркудов, Трпчевски и Арсеновски постигнаа по 2. Вујовиќ постигна 12 голови во поразениот тим.