Нови три бодови за Пролет: Ниту „Гемиџии“ не му помогнаа на Борец

Со натпреварот Тинекс Пролет и ГРК Борец беше означен стартот на третото коло на македонската ракометна Супер лига. Составот на Пролет диктираше темпо во текот на целиот натпревар и во спортската сала „Македонско сонце“ сосема заслужено стигнаа до победа од 22-17.

Тинекс Пролет- ГРК БОРЕЦ 22-17 (13-6)

MAK-Prolet-Borec-2952

Гостите од Велес имаа сили да парираат само дваесетина минути во првиот дел кога одржуваа минимална негатива од 7-6. Во последните десетина минути Тинекс Пролет заигра поактивно во одбраната, голманот Кимевски стигна до бројката од 10 интервенции до полувреме, што иницираше серија од 6-0 со која домаќините го завршија првиот дел со високи +7, 13-6.

MAK-Prolet-Borec-3075

Тинекс Пролет во второто полувреме го одржуваше високото водство од полувремето, а гостите од Велес успеаа да се доближат најблиску на негатива од три погодока 19-16. Ниту воинствените „Гемиџии“ не им помогнаа на своите миленици да се вратат во натпреварот. До самиот крај на натпреварот ракометарите на Илија Темелковски не дозволија гостите комплетно да се вратат во игра и изградија предност од конечни пет погодоци за 22-17.

MAK-Prolet-Borec-2974

Во наредното коло, Пролет гостува во Прилеп, додека Борец го пречекува Вардар Јуниор во Велес. На табелата по првите два натпревара од третото коло Борец, Пролет и Работнички имаат по шест поени, а може да им се приклучат Пелистер кој својот дуел го игра во Скопје против Вардар Јуниор, Прилеп кој на свој терен ќе се сретне со Металург 2 и екипата на Охрид која ќе имаат тешка задача да го совладаат лидерот на табелата, Металург (шест освоени бодови, но и натпревар помалку).