Нови играчи за нови успеси: Прилеп ги промовираше сите засилувања (ФОТО)

Тимот на Прилеп вечерва на прес-конференција во градот под Марковите Кули ги промовираше сите нови засилувања и го најави меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Составот на тренерот Ице Соколески во пресрет на новата сезона се засили со двајца српски интернационалци, и четворица домашни играчи. Иако е ослабен за најдобриот играч и стрелец од лани, сепак се очекува претстојната сезона, Прилеп да биде минимум на нивото од лани, ако не и подобар. Покрај заминувањто на Теимураз Орјоникидѕе, кој се пресели во Пелистер, замина и голманот Огнен Трајковски, кој ќе брани за новиот прволигаш Бутел Скопје.

Нов играч во тимот каде сега лидерската улога ќе ја има искусниот среден бек Јане Јанчев, ќе биде младиот српски интернационалец Лука Карановиќ кој има 19, а доаѓа од унгарскиот шампионат, од екипата на Цегледи, каде играше со новиот ракометар на Металург, Божо Анѓелиќ. Се работи за бек со одлични физички предиспозиции (207 цм, 110 кг). И вториот интернационалец е Србин, а станува збор за левиот бек Петар Шајин, помлад брат на Милан Шајин, поранешен ракометар на Металург, кој сега настапува во унгарскиот Цегледи, од каде што дојде Карановиќ.

Домашните засилувања доаѓаат од соседна Битола. Десното крило Пеце Рајатоски, кој си замина од Пелистер е нов ракометар на Прилеп, а од другиот битолски суперлигаш, Еурофарм Работник, доаѓа и голманот Мартин Јовановски. Ново засилување е и голманот повратник во тимот Бобан Митрески. Тимот на Прилеп и ова лето ќе биде организатор на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, трет по ред, кој ќе се одржи во салата „Р.Р.Ричко“ од 25 до 27 август. На овој турнир ќе учествуваат четири домашни екипи, домаќинот Прилеп, Борец Велес, Пелистер и Пролет.

Турнирот кој се игра во чест на прерано починатиот ракометар Миле Нешкоски, ќе започне со положување на свежо цвеќе пред Универзална сала, а потоа ќе бидат одиграни и првите дуели во кои ќе се сретнат Пелистер и Борец, а домаќинот ќе игра со Пролет. Овие натпревари ќе бидат одлични тестови за екипите пред стартот на Суперлигата, а ќе имаат можност на дело да ги видат и новите играчи.

Распоред на натпревари:

25 август
18:00 Пелистер – Борец
20:00 Прилеп – Пролет

26 август
18:00 Пролет – Борец
20:00 Прилеп – Пелистер

27 август
11:00 Борец – Прилеп
13:00 Пролет – Пелистер