Новите кадети и пионери добија селектори и тренери

Неуспехот на пионерската репрезентација на Македонија сочинета од ракометари родени во 2002 година донесе и промени во стручниот штаб. На предлог на селекторот на сениорската селекција на Македонија, Данило Брестовац денеска беа поставени нови селектори односно тандеми на тренери кои ќе ги водат репрезентациите.

Репрезентацијата во генерацијата 2002/03 која во моментов е пионерска, а од следната година ќе биде практично новата генерација за настап во кадетска конкуренција ќе биде предводена од страна на Никола Матлиески, кој ќе работи заедно со Благојче Весиќ.

Генерацијата 2004/05 која е следната пионерска генерација за селектор го доби актуелниот тренер на Металург 2, Радослав Стојановиќ, а заедно со него ќе работи поранешниот репрезентативец на Македонија, Кирил Атанасовски.

Ракометарите од генерацијата 2002/03 следната година ќе бидат домаќини на Б-шампионатот и ова ќе им биде одлична можност за успех и скок во А-дивизијата.