„Новиот“ европски Вардар првпат на сцена

По двонеделни подготовки првенствено на полнење на батериите и за подобра физичка подготвеност ракометарите на Вардар почнуваат и со контролни натпревари преку кои треба да се темпира формата за почетокот на СЕХА лигата и за Лигата на шампионите. Додека се наоѓаат на подготовки во Требиње вардарци ќе играат на турнир и ќе имаат и три контролни средби.

Во комплексот „Град Сунца“ покрај Вардар ќе пристигнат уште пет други екипи: Борац Бања Лука, Леотар Требиње, Металопластика, Бутан Изола и Извиѓач. Се игра во три дена, по два натпревари во група и плус уште еден меч за пласман.

Вардар е во група со Борац Бања Лука и со домаќинот Леотар. Денеска во 15:00 часот тимот на Вардар ќе го одигра првиот пријателски натпревар во претсезоната со Борац Бања Лука, а потоа од 21:00, Писонеро и новите избраниците ќе бидат повторно на сцена на дуелот со Леотар Требиње.

Домаќинот на турнирот е особено задоволен што на своето второ издание на овој турнир го има актуелниот европски првак. Пехарот освоен во Келн е особено интересен за сите посетители кои сакаат да имаат фотографија со него и со ракометарите.

Турнирот треба да биде прв воигрување на новите ракометари кои пристигнаа сезонава во Вардар. Единствено во Требиње ги нема Марко Кизиќ и Ален Ќосевски кој настапуваат за кадетската репрезентација на СП што се одржува во Скопје. Но, со тимот се Дејан Кукуловски, Васко Гогов и Давид Гашовски од вториот на Вардар кои добија шанса да ги изработат подготовките со сениорскиот тим.

Вардар на крајот од месецов ќе патува за Саудиска Арабија каде ќе настапува на Супер Глоуб. На почетокот на септември почнуваат натпреварите од СЕХА лигата, а на средината на септември и Лигата на шампионите.