Новиот градоначалник најави: Ќе продолжи убавата приказна на Охрид

Многупати досега е потенцирано дека Охрид минатата сезона го направи најголемиот клупски успех, кој сезонава беше надграден со уште поголем, односно пласманот во второто коло од ЕХФ Купот. Затоа сите очекуваат дека ќе продолжи убавата приказна на составот предводен од Горан Андоновски и дека љубителите на ракометот во градот покрај езерото ќе имаат можност да гледаат уште квалитетни натпревари.

Иако деновиве пред првенствен натпревар екипата остана без услугите на еден од најквалитетните ракометари, Јосип Кежиќ, без знаење на тренерот, а големо беше незадоволството и на дел од другите ракометари, сепак од Општината најавуваат дека ќе продолжи убавата приказна на ракометниот тим.

Како што информира порталот „Ohrid News“, денеска се одржал состанок на бордот на директори, спонзори и поддржувачи на клубот и на истиот било договорено да се одржи вондредно собрание на кое ќе бидат избрани соодветните тела согласно Законот за акционерски друштва.

Новиот градоналачник на Охрид, д-р Јован Стојаноски најави целосна поддршка на клубот од градот и најави дека тимот ќе продолжи да функционира со актуелниот тренер и актуелниот играчки кадар. Тоа значи дека Охрид во комплетен состав ќе настапи на следниот натпревар од Суперлигата, на незгодниот терен во Велес, кај Борец, а тој се игра в сабота со почеток од 19:30 часот.