Нова СЕХА победа за Вардар: „Црвено-црните“ го прегазија Горење Велење

Македонскиот шампион го одигра седмиот натпревар во рамките на СЕХА лигата. Во Скопје гостуваше составот на Горење Велење. Вардарци забележаа уште една убедлива победа во регионалната лига на патот кон Фајнл Фор турнирот. Дуелот со Горење Велење беше загревање за тоа што „црвено-црните“ ги очекува веќе во сабота на натпреварот против Мешков Брест во рамките на второто коло од Лигата на шампионите.

vargor-5

Уште на самиот почеток ракометарите на Вардар ја најавија својата доминација. Словенечкиот вицепрвак во ниту еден момент од натпреварот не претставуваше никаква закана за силниот Вардар. Одбраната на домаќините беше на вистинско ниво, играта на словенците прочитана, а гоманите солидни. Затоа првото полувреме го одбележаа лесните голови за Вардарци кои стрелаа од својата половина кон празниот гол на Горење. Ризикот на Шибила да игра без голман, а со играч повеќе на теренот имаше своја цена, Вардар постојано ја зголемуваше својата предност која во 27-та минута изнесуваше високи +9 (19-10). Разлика која се задржа до крајот на првиот дел за конечни 21-12.

vargor-3

По паузата „црвено-црната“ машинерија продолжи да ја зголемува предноста. Седум минути беа потребни за Вардар да ја достигне првата двоцифрена предност. Тренерот на Вардар во вториот дел во игра ги внесе Чупиќ, Борозан и Милиќ на голот, додека Абутовиќ доби шанса на левата крилна позиција во нападот. Средината на вториот дел словенците ја искористија да ја намалат високата предност на домаќините, но најблиску беа на -6 (27-21 Митровиќ) во 41-та минута. Сепак тоа беше се што сторија словенечките вицепрваци на овој дуел. Ракометарите на Вардар во наредните четири минути ја вратија високата предност од девет погодоци со нова мини серија преку Чупиќ и Канелјас (29-21) и не дозволија изненадување во финишот на мечот.

vargor-7

Вардарци ја одржуваа разликата на осум или девет погодоци и рутинирано го приведоа овој дуел кон својот крај. По шеесет одиграни минути на семафорот остана испишан конечниот резултат  40-32.

ВАРДАР40-32 ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ (21-12)

ВАРДАР: Стоилов 5/5, Фереира Мораеш 5, Македа 3, Деревен 2, Карачиќ 4/4, Душебаев 2/2, Канелјас 3, Циндриќ 2, Чупиќ 3/3, Дибиров 7, Шишкарев 1, Борозан 2, Абутовиќ 1

ВЕЛЕЊЕ: Цехте 3, Медвед 2, Овничек 3, Левц 2, Стојниќ 1, Тоскиќ 2, Митровиќ 4, Поточник 2, Голчар 4, Клец 2, Брумен 6