Нова сензација од Италија, сигурни победи за Словенија и БиХ

Репрезентациите на БиХ, Словенија и Италија забележаа нови победи во квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра следниот јануари. Италија по сензационалната победа против Словачка на домашен терен уште еднаш го совлада истиот противник овој пат и на гостински терен. Италија пријатно изненади со игрите против фаворитот во овие дуели и во вториот натпревар славеше победа 26:23.

Босна и Херцеговина покажа дека има квалитет за настап на ЕП совладувајќи ја репрезентацијата на Финска многу убедливо. Босанците обезбедија нова победа 31:19. Домашниот состав ја најави победата уште по првите 30 минути кога имаше водство 16:10, кое до крајот го претвори во двоцифрен триумф. БиХ веќе во следното коло има голема шанса на домашен терен против Белорусија со победа да обезбеди пласман на ЕП.

Словенија за разлика од гостувањето во Холандија во возвратниот дуел беше посигурна и оствари лесна победа. Избраниците на Веселин Вујовиќ влегоа ангажирано во натпреварот и решени да остварат победа со која ќе обезбедат пласман на ЕП. На полувремето имаа предност 16:11 што беше доволно за нов триумф на крајот со 30-27.