Нова победа за Македонија: Косово ги намачи македонските кадети

Наместо да се билда гол-разлика во пресрет на последниот натпревар од групата А на Европскиот шампионат, Македонија со последните сили обезбеди минимална победа против селекцијата на Косово.

Ако нашите вчерашни противници ги декласираа косоварите со 11 голови разлика, ако утрешните противници на Македонија имаа тренинг меч кој заврши со високи +23 голови во корист на Унгарија, денес Македонија си дозволи тензичен и непотребно неизвесен натпревар.

По првото полувреме ракометарите на Косово имаа предност од два погодока 13-15. Разликата се задржа и на почетокот на вториот дел, а дури некаде на средина на второто полувреме Македонија израмни на 18-18. Во изедначениот меч, неколку грешки во нападот и непрецизни удари го одлучија победникот. По регуларните шеесет минути Македонија запиша нови два бода на своето конто, овојпат со конечен резултат 25-23.

Утре според распоредот е дуелот со последниот и најголемиот ривал на Македонија од група А, репрезентацијата на Унгарија која на овој турнир покажа класа и за сега ја има најдобрата одбрана на првенството со примени 31 гол. Натпреварот ќе се одигра во вечерниот термин, со почеток од 18:00.