Нова Македонка во Полска: Елена Петковска потпиша за Лублин

Доскорешното десно крило на Металург, Елена Петковска, го следи примерот на многу од нејзините поранешни колешки и летово ќе започне интернационална кариера. Таа потпиша едногодишен договор со полскиот МКС Лублин.

Лублин своевремено беше голем ривал на Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионите, а сезонава ќе се обидат да се вратат на старите патеки, па покрај Петковска, ангажираа уште неколку странски засилувања, меѓу кои најзвучно е името на долгодишната ракометарка на Будуќност, Кинга Ахрук.

Петковска веќе има искуство во европските купови со тимот на Металург, а со новиот тим ќе игра во Челинџ Купот. Противник на Лублин ќе биде Куманово, па Петковска сигурно ќе биде од голема помош за стручниот штаб на полскиот тим.

Претходно во Полска се пресели и Симона Стојановска, која ќе игра за Погон Шчечин.