Нова лекција за младите „металурзи“: Работнички подобар од Металург 2 (ФОТО)

Екипата на Андон Бошковски без посериозни проблеми ја забележа седмата победа во македонскиот шампионат против екипата на Металург 2. Младинците на ракометната школа на Металург, оваа сезона се натпреваруваат во најсилниот ракометен шампионат и очекувано, искуството кое го собираат од постарите колеги во Супер лигата е компензација за поразите во сите досегашни натпревари.

MAK (rakomet) Rabotnicki-MetalurgJ-3044

Уште на самиот почеток Работнички го наметна своето темпо и по шест минути игра веќе имаше предност од 5-0, а по 11 минути 10-1. Предност која овозможи домаќините да им дадат шанса на ракометари кои ретко имаат можност да го почуствуваат суперлигашкото натпреварување. Промените во составот на Работнички дозволија младите металурзи да се вратат во натпреварот и со серија од пет погодоци во 18-та минута да се доближат на четири голови негатива, 10-6. Во последните шест минути од првиот дел Работнички повторно го искористи неискуството на гостите од Автокоманда и со серија од 6-1 го завршија првиот дел со 18-9.

MAK (rakomet) Rabotnicki-MetalurgJ-3020

Вториот дел беше само формалност. Работнички во неколку наврати имаше 10 голови предност.

Во 50-та минута првиот суперлигашки гол го постигна младиот плејмејкер Гајиќ за 27-19. Металург 2 најблиску до водството на Работнички беше на седум гола разлика во 52-та минута (28-21). По шеесет одиграни минути натпреварот заврши со резултат 32-24.

MAK (rakomet) Rabotnicki-MetalurgJ-3063

Најпрецизен на теренот беше Вања Илиќ со 14 погодоци, додека Марсениќ запиша уште 5 голови за Работнички. Кај Металург 2, Димитар Димитриоски со 7 погодоци ја предводеше листата стрелци, по него Шилегов стрелаше прецизно 5 пати.

MAK (rakomet) Rabotnicki-MetalurgJ-3016

Металург 2 по деветтото коло останува на последната позиција на табелата во Супер лигата, додека Работнички се врати привремено на втората позиција и ќе го очекува расплетот од дуелот меѓу Охрид и Вардар Јуниор, кој на програмата е во вторник со почеток од 18:00.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ