Нова драма во врвот на македонскиот шампионат: Охрид без решение за Работник!

Со натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Работник започна 11-то коло во машката Суперлига. По минатонеделниот пораз од Пелистер, Работник не дозволи ново изненадување, ја контролираше играта во текот на целиот натпревар и на крајот славеше победа од 20-21 во спортската сала „Билјанини извори“. По воведната победа против Охрид на домашен терен, со новите бодови Работник се зацврсти на третата позиција во регуларниот дел од македонското првенство.

Работник по три минути игра го отвори натпреварот со гол од пенал, а сигурен реализатор беше португалецот Барош. Сепак домаќините по пет минути игра, за прв пат на овој дуел успеаа да дојдат до минимална предност од 3-2, за последен пат на овој дуел. Во наредните пет минути, гостинските ракометари искористија неколку грешки на Охрид и создадоа предност од два погодока (3-5), која ја задржаа до 26-та минута кога Чутура со својот трет гол ги постави првите три голови разлика за 8-11. Но тоа не беше гаранција за мирна завршница, напротив домаќините благодарение на одличниот голман Трајковски комплетно се вратија во игра и на минута до крајот на првиот дел го израмнија резултатот на 11-11. Иако охриѓани го имаа моментот и иницијативата сепак последната минута им припадна на гостинските ракометари. Составот на Андоновски не успеа да реализира, а Чурлевски и Адли ги поставија конечните 11-13.

Мајнов го врати Работник на највисокото водство на самиот почеток на второто полувреме, но по исто сценарио како во првиот дел, Охрид се врати на овој дуел и го израмни резултатот на 14-14. Добрата игра на домашниот тим им обезбеди неизвесна и изедначена борба во која Охрид не успеа да дојде до предност, пред се благодарение на расположениот голман Чаневски.  Ниту на спротивната страна, нападот на Работник немаше многу среќа и токму затоа двете екипи застанаа на 18-19 во самиот финиш на натпреварот. Во брканицата во последните две минути од овој дуел, Мајнов и Мојсоски ги казнија грешките и промашените зицери во нападот на Охрид и создадоа капитална предност од 18-21 на минута и половина до крајот. Веднаш потоа Ќежиќ постигна два погодока во низа и го намали водството на гостите на 20-21. Во возбудлива и драматична завршница, домаќините имаа шанса да го израмнат резултатот, но одбраната на Работник и Чаневски беа на вистинско ниво и им овозможија на Битолчани ново славје со победа од конечни 20-21.

Најпрецизен на теренот беше Барош со 8 голови, Чутура го следеше со 4 голови, а Мајнов и Адли постигнаа по три погодоци. Кај домаќините Ќежиќ постигна 5 погодоци, додека Младеновски и Кобетиќ беа стрелци на 4 голови. Голманот на Работник, Чаневски имаше 12 успешни интервенции на голот, додека ниту 16-те одбрани на Трајковски не беа доволни за Охрид да избегне пораз.

Ова е втор пораз за Охрид оваа сезона, откако Работник во првиот дуел славеше победа од 18-17. Со оваа победа битолчани се зацврстија на третата позиција во македонскиот шампионат со 22 бода, три помалку од лидерот Охрид. Пелистер се наоѓа на второто место со ист број бодови како градскиот ривал Работник, но и натпревар помалку.