Ни минус девет не успеаа да го задржат полскиот шампион!

Киелце веќе ја осигура правата позиција на табелата во групата Д, затоа тренерот на екипата Талант Душебаев си дозволи полувреме за своевиден експеримент во кој хрватскиот крилен играч Иван Чупиќ се промовираше во новата улога како плејмејкер на полскиот шампион.
Група Д
Мотор Запорожје 27:28 КС Виве Таурон Киелце (19:10)

Украинскиот и полскиот шампион го отворија последното коло од групната фаза на Лигата на Шампионите. Мотор во Киев играше за потврда на третото место, а Киелце за престиж. Поради различните цели и мотивација, првото полувреме на натпреварот во кој условно домаќин беше Мотор помина во целосна доминација на Украинците. Талант Душебаев имаше на располагање само 12 ракометари, па поради тоа Иван Чупиќ беше организатор на играта во првиот дел, затоа Киелце првиот гол го постигна по речиси пет минути игра. Како одминуваше времето проблемите во нападот на Полјаците се зголемуваа. Ракометарите на Мотор Запорожје трпеливо го градеа водството кое постепено се искачи до највисоките девет разлика непосредно пред сирената да означи крај на првите триесет минути.
Вториот дел го одбележа сосема нова и свежа постава на Киелце, ракометарите во „сино-жолти“ дресови уште на почетокот на полувремето направија 3-0 серија, а по 10 минути игра анулираа пет голови од високото водство.
Играта се одвиваше во полза на гостите кои во последната минута влегоа со гол негатива. Биелецки на 20 секунди до крај на натпреварот постигна гол за израмнување на резултатот. Во последниот напад, домаќините наместо да ги сочуваат нервите и топката до самиот крај, по само 10 секунди игра направија почетничка грешка при додавање, а Матеус Јачевски го донесе единственото водство на полскиот шампион во овој натпревар, за конечна победа од 27-28.
Киелце засега е единствената екипа со 100% учинок во Лигата на шампионите, а Мотор својата судбина ќе ја чека до крај на последното коло, а ќе зависи од резултатите меѓу Пик Сегед и Алборг односно Данкерк и Кадетен Шафхаузен.


Фото: http://www.handball.motorsich.com/