Ни во Бундес лига го нема ова: Вардар ќе игра пет пати во седум дена!

Ракометарите на Вардар ги очекува реванш средбата од Лигата на шампионите против хрватскиот Загреб, а потоа и двете средби од завршниот турнир во СЕХА лигата. Поради европските настапи, македонскиот првак ги одложи средбите против Еурофарм Работник и Пролет, а ќе ја одложи и онаа со Бутел Скопје од 3 коло пред ЕХФ неделата.

Трите одложени средби ќе се одиграат во периодот од 15 април до 18 април. Според делегирањето на Ракометната федерација на Македонија, средбата против Пролет е закажана на 15 април, понеделник. Само ден претходно завршува ЕХФ неделата, а Македонија тогаш игра дома против Исланд.

Поради репрезентативните настапи Вардар ќе биде без голманот Милосављев, потоа руската петорка – Дибиров, Шишкарев, Калараш, Горбок и Кисељов, летонскиот џин Кристопанс, како и без плејмејкерот Игор Карачиќ. Веројатно Данило Брестовац во ростерот на Македонија за средбите против Исланд ќе ги има Стојанче Стоилов и Мартин Поповски.

Тие двајца ќе бидат во Македонија, па веројатно веднаш утредента по средбата со Исланд ќе му се стават на располагање на стратегот Парондо. Но и без останатите осуммина од играчкиот кадар, кои нема да можат да стигнат за оваа средба, Вардар ќе биде голем фаворит против Пролет, ако се знае дека репрезентативни обврски немаат Гедбан, Кизиќ, Чупиќ, Борозан, Мораеш, Недановски, Скубе, Дисингер…

По овој дуел на 15 април, Вардар би требало да се соочи со Бутел Скопје на 17 април, додека ќе игра со Еурофарм Работник на 18 април. Плус оваа седмица ќе ги одигра и двете средби од четвртфиналната група во Купот на Македонија, кои се закажани за 20 и 21 април, што значи дека вардарци ќе имаат пет средби за седум дена, ритам кој го нема ниту во Бундес лигата.

Секако, во зависност од ситуацијата пред средбите со ПИК Сегед, некои од овие средби повторно би можеле да бидат поместени.