Ништо ново, кадетките на Македонија високо поразени од Романија

Женската кадетска репрезентација на Македонија го доживеа својот трет пораз . Овој пат избраничките на Аце Станковски беа високо поразени од селекцијата на Романија, која ја обезбеди својата трета победа и пласманот во следната рунда. Натпреварот во Струмица заврши со резултат 23-37 за романските кадетки.

Македонија одлично го отвори натпреварот со водство од три разлика (4-1), но потоа следуваше пад во играта, многу грешки во нападот, и слаб ден на скоро сите ракометарки. Романија израмни на 5:5 , и од тој момент па се до крајот на натпреварот не дозволи никакво изненадување. Колку да се трудеа репрезентативките на Македонија да го ублажат поразот, тоа делуваше недостижно. Од минута во минута разликата растеше за конечни 23-37.

Најефикасна ракометарка од селекцијата на Македонија беше Теодора Керамитчиева со седум постигнати голови. И покрај поразот, одличен натпревар одигра кружниот напаѓач, Зорица Михајловска која имаше ефект 4/4 .

Македонија ќе одигра уште два натпревари, против Данска и против селекцијата на Узбекистан.