Ниту Данска не беше закана: Русија и Трефилов газат се пред себе и обезбедија полуфинале

Руската репрезентација е првиот патник во полуфиналето на Европското првенство кое се одржува во Франција. Избраничките на Евгениј Трефилов ја продолжија победничката низа и славеа над Данска со убедливи 21-32.

Русинките победата ја обезбедија уште по првиот дел, кога водеа со 9-14, а во второто полувреме противникот од Скандинавија немаше никаква шанса да се приближи резултатски, а камоли да помисли на некаков пресврт.

Русија сега води на табелата со осум бодови и го обезбеди своето место во полуфиналето, па може да калкулира на последниот двобој против уште еден скандинавски ривал, Шведска, бидејќи не може ниту една селекција да ја достигне на првото место.

Сестрите Ана Вјахирева и Полина Кузнецова беа најдобри во рускиот состав со девет и шест погодоци, додека кај Данска се истакна Катрин Хејндл со шест голови.

Србија и Црна Гора се среќаваат во вториот дуел од денешната програма во Групата 1, но која селекција и да победи, нема баш големи шанси за полуфиналето.