Николовска и Ваиблинген триумфираа против Цвикау

Тимот на Ваиблинген Тајгерс, каде што настапува поранешната ракометарка на Еуростандард ЃП, Кометал ЃП и Металург – Симона Николовска, забележа победа во 12 коло од Втората Бундес лига.

Ваиблинген беше подобар на гостински терен од составот на Цвикау со 29-36 и остана во игра за првите две позиции кои водат во ранг погоре.

Николовска постигна два гола во високата победа, која беше обезбедена уште по првото полувреме кога Ваиблинген водеше со 13-20.

„Тигриците“ сега имаат 14 бодови, шест помалку од двата лидери Курфалц и Розенгартен, кои имаат по 20 бодови. Во следното коло Ваиблинген ќе игра дома токму со Розенгартен.