Нигеријка од Бугарија ќе игра за Словенија

Досегашната 20-годишна бугарска репрезентативка со нигериско потекло, Елизабет Оморегие, во иднина би требало да настапува за словенечката репрезентација, откако селекторот Урош Брегар, процени дека му е потребно засилување на бековските позиции.

Некогашниот тренер на Крим, Марта Бон, ја донесе во Љубљана уште пред три години како талентирана ракометарка, која сега е лидер на словенечкиот тим. Лани имаше одлични партии во ЛШ и неколку пати беше прогласувана за играч на колото.

Оморегие има договор со Крим до 2020 година, но и покрај тоа што го доби словенечкиот пасош во најбрз можен рок, нема да може да им помогне на Словенките на мундијалскиот настап во Германија.

Ако се водиме според правилата на ИХФ за натурализиран играч, Оморегие ќе може да игра за Словенија од следното лето, бидејќи лани во јуни играше за Бугарија, држава каде што ја започна кариерата. Нејзината мајка е од Бугарија, нејзиниот татко од Нигерија, a таа е родена во Грција.