Нигерија ги испоти кадетите, но ова е победа за мотивација и самодоверба

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја совлада селекцијата на Нигерија со 37:34 во меч во кој во текот на сите 60 минути имаше потење. Македонија во ниту еден момент не можеше да биде сигурна со оглед на тоа што противникот се покажа во неверојатно издание и им зададе многу проблеми на нашите репрезентативци. Сепак, на крајот се бројат бодовите кои беа потребни за конечно да биде скршен мразот.

Од почетокот на средбата се забележа дека ова ќе биде максимално тежок дуел во кој нема да има простор за штедење туку игра во која мора да се оди на максимум. Иако Македонија поведе брзо и успеа да има контрола на резултатот, сепак, немаше гаранција дека ќе може без проблеми да се оди до крај со постојано зголемување на предноста.

Одбраната не беше доволно густа за да ги запре Нигеријците, кои успеваа со брзи додавања редовно да доаѓаат до простор за лесен шут. Тоа донесе до постојана промена во резултатот.

Иако Македонија стигна до плус четири беше јасно дека нема да има простор за поголемо импровизирње и дека ќе мора да се оди со најдобрите во целиот меч. Обидот за одморање на Серафимов и Младеновиќ беше брза лекција бидејќи од плус четири Македонија остана без предност. Нигерија се врати, па мораше во продолжение од средбата да се вратат во игра.

До крајот на првиот дел предноста беше вратена, но два гола на одмор не беа гаранција за мирно продолжение на средбата.

После 18:16 на крајот од првиот дел во продолжението од средбата Марко Кизиќ беше ракометарот кој ја одржуваше Македонија и кој овозможи да се дојде до предност од три гола. Сепак, на средина од второто полувреме истата беше загубена. Нигерија казни неколку лошо изведени шутеви на Македонија и имаше 25:25 после 45 минути игра.

Бековите на Нигерија ниту еднаш не беа фаулирани. Премногу лесно шутираа од зад линијата од девет метри и редовно во делот од голот кој не беше бранет. Тоа им даваше простор за да упатат удар со кој само го полнеа голот. Иако и ние лесно доаѓавме до погодоци, сепак, немаше жар во одбраната, немаше навремено излагање за да се спречат бековите на противникот и многу рано да се реши ова средба.

Отпорот беше скршен дури во последните минути, но од сето она што денеска беше одиграно најважни се бодовите. Македонија дојде до првата победа на Мундијалот, а ова сигурно ќе биде значајно за следните средби бидејќи сигурно и мотивот ќе се крене, а и самодовербата кај сите ракометари.

МАКЕДОНИЈА – НИГЕРИЈА       37:34 (18:16)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 1000. Судии: Ала Емам и Хосам Хедаја од Египет. Делегати: Цезар Кастиљо од Велика Британија, Елсајад Тамер од Египет и Јосип Посавец од Хрватска.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (10 oдб.), Петковски (1 одб., 2 сед.), Кондев 2/5, Џигероски 1/2, Мелоски, Ќосевски, Божиновски 3/5, Митиќ, Карапалевски 2/3, Каковски, Симоноски 5/5, Серафимов 10/13, Костески 13/16, Младеновиќ 1/3, Ников, Ѓорѓиев.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 6 мин.

НИГЕРИЈА:  Оквор (6 одб.) 1/1, Мохамед (3 одб.), Јусуф 8/12, Салами 6/9, Мухамад, Екподио 11/14, Аделакун, Сани 2/2, Дико 3/5, Деле, Јуша, Абдулазез, Гбавуан 2/6, Јахаја 1/2

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 16 мин.