Не признаваат авторитети: Лазаров и Нант не се исплашија од „лавовите“

Тимот на Нант каде игра Кире Лазаров, славеше во македонскиот двобој од осминафиналето на Лигата на шампионите против Рајн Некар на Филип Талески со 30-27 и обезбеди место меѓу осумте најдобри во елитното натпреварување.

По стартната игра гол за гол до 3-3, Рајн Некар беше тимот што се одлепи и поведе со 3-7. Сепак на францускиот тим не му требаше многу време да се врати во игра. Предводени од Ривера и од идниот „лав“ Лагард стигнаа до реми, 14-14 на паузата.

Во вториот дел стартуваше обратно од првиот. По 16-16, домашните направија солидна предност и поведоа со 21-18, а тоа веќе беше резултат што му носеше пласман на Нант во четвртфиналето. Имаа домаќините и 24-20, па Јакобсен мораше да бара тајм-аут.

Преку Липовина, „лавовите“ се доближија на 26-25 на осум минути до крајот. Потоа се одеше пож жица. Двете екипи постигнуваа погодок, но со оглед на тоа што немаше уште многу време, беше јасно дека и победа од два гола се доволни за Нант да оди понатаму.

На две минути и 29-27, Липовина промаши, а во последниот напад погоди Лагард и мечот заврши 30-27, што значеше крај за Рајн Некар и пласман на Нант во четвртфиналето. Најдобри стрелци во домашниот тим беа Ривера и Лагард со по осум голови, додека Лазаров даде два од четири обиди. Кај гостите се истакнаа Колбахер, Шмид и Липовина со по пет голови, додека Талески немаше учинок.

Нант во четвртфиналето ќе игра против Барселона.