Неуспешна среда за Македонците во Франција

Вечерниот термин во средата беше резервиран за француската Д1 лига, каде на програмата беа 6 натпревари. Екипата на Гоце Георгиевски ремизираше со Аикс, македонскиот селектор со Шамбери загуби од Ним, а Кретеј доживеа висок пораз на гостувањето во Нант.

Аикс-Тулуз 30-30 (14-16)
Иако на полувремето, тимот на репрезентативното десно крило Гоце Георгиевски, водеше 16-14 во едно напаѓачко полувреме, сепак на крајот дојде до поделба на бодовите, во натпревар каде одбраните и голманите не се прославија, но затоа гледачите на трибините уживаа во ракометните мајстории. Брзите контри и полуконтри како и расположените стрелци на обете страни се магнет за секој натпревар, така и за ова дерби, после кое Аикс има 2 реми утакмици, додека Тулуз една победа и едно реми. На овој натпревар Гоце Георгиевски постигна четири погодоци.

Иври-ПСЖ 27-33 (11-16)
Шампионот рутинирано забележа победа, чувајќи ги силите за почетокот на евро сезоната во ЛШ. Тимот предводен од Нока Сердарушиќ, покажа дека оваа година има 16 одлични ракометари, дека ќе атакува на самиот врв во сите натпреварувања, па така веќе има 2 победи во воведниот дел, додека Иври покажа дека поседува солиден квалитет и дека ќе се бори за пласман повисок од оној за опстанок во лигата од минатата сезона.
Ним-Шамбери 30-27 (12-14)
Повторно неуспех за тимот на Шамбери, предводен, од двоецот во нашата репрезентација, селекторот Обрван и неговиот помошник Данило Брестовац. Имаат само еден освоен бод од 4 можни, а овој дуел го изгубија во вториот дел со крајно слабата игра во одбрана кога примија дури 18 голови. Борбените домаќини се потрудија со ангажирана игра во одбрана(само 13 примени голови во вториот дел) да го освојат целиот плен на домашен терен пред своите бучни навивачи и воедно да стигнат до првата овогодинешна победа.
Ст. Рафаел-Трембле 26-21 (10-12)
Уште еден натпревар, каде после водството на гостите на полувреме, домаќините направија пресврт и заслужено победија, при што брилијантната одбрана на чело со голманите дозволија само 9 голови во вториот дел. Рафаел, има 4 бода, на делба на првото место заедно со ПСЖ, додека Трембле е на дното без бодови.
Шатр-Сесон 23-25 (12-11)
На овој трилер натпревар, каде акцентот беше ставен на одбраните, Шатр пред својата верна и гласна публика имаше гол предност на полувремето против победникот на турнирот „Струга 2015“. Сепак новајлијата во лигата остана закован на дното без бодови, откако во вториот дел гостите се растрчаа по теренот, покажаа добар и динамичен ракомет, брз проток на топката и со прецизни удари од крилните позиции, но и од бековите со своите продори создадоа предност во нападот, односно го решија прашањето на победникот. Сесон кој со својата корпулентна одбрана остави добар впечаток и во Струга ова лето, на почеток на сезоната се носи со големите имиња и има 4 бодови на врвот од табелата заедно со ПСЖ и Ст. Рафаел.

Нант-Кретеј 40-29 (21-15)
Вистинска канонада од голови, во мрежата на тимот на Борко Ристовски. На ова гостување примија дури 40 голови, со што одбраната дефинитивно потфрли, додека на другата страна нападот на Нант, со креативни решенија за крилата, кои често влетуваа на позиција втор пикер и преку брзите контра напади го полнеа голот на Кретеј. На полувремето губеа 21-15, како пресвесник за дебаклот од второто полувреме. Со оваа победа, прва во новата сезона, Нант стигна до 3 бодови, додека Kретеј на Борко Ристовски, кој не настапи на овој дуел, има само еден бод исто како и Шамбери.