Несекојдневен момент: Машко-женска судиска двојка ќе дели правда на ракометните терени во Македонија

На европските и светските ракометни терени не е пракса, ниту во Македонија не се случувало често, но станува збор за редок момент вреден за одбележување. Машко-женски, односно мешан судиски пар ќе дели правда овој викенд на натпреварот од плеј-аутот во Првата лига меѓу Аеродром и Партизан.

Станува збор за Александар Вукашиновски, кој најчесто суди во пар со Мирко Трајковски, и за Сања Божиновска, која е во пар со Адриана Здравковска. Делегат на овој дуел ќе биде Лери Мирчевски, а ќе се игра во Автокоманда, денеска со почеток во 16:30 часот.

Ова не е прв ваков случај во Македонија. Повозрасните љубители на ракометот сигурно се сеќаваат на дебито на Силвана Карбеска, која го направи во пар со Душко Камишевски, а подоцна судеше и со Цане Куртовиќ.

Најдолго во мешан пар се задржаа сегашната партнерка на Карбеска, Марија Илиева и сегашниот спортски директор на Пролет, Сашо Огњановски, кои беа активни неколку сезони.