Непобедлив Вардар: Злато вреден бод за “вардарци”!

Во првиот натпревар од четвртото коло од групата Ц, вардарци непоразени се враќаат од тешкото гостување во Франција, одигрувајќи 34-34 против одличниот состав на Монпелје. Во максимално интересен натпревар кој беше решен буквално во последните секунди од натпреварот, “црвено-црните” имаа извонредно враќање во натпреварот за освојување на злато вреден бод во Франција.Натпреварот започна со еднаква игра на двете страни. Вардарци го зададоа првиот удар на овој натпревар кога со голот на Карачиќ поведоа со 5-7 во 11 минута, а разликата од два голови разлика ја одржуваа до 20 минута кога Горбок со бомба од 9 метри донесе водство од 11-13. Но, Монпелје во своите редови го имаше левиот бек Греби кој беше нзадржлив за вардаровата одбрана, и буквално на неколкупати го враќаше својот тим во игра. Токму Греби со три голови по ред беше иницијатор на нова серија од 4-0 за францускиот тим и во 24 минута Монпелје поведе со 15-13. Во 19 минута од натпреварот Вардар доживеа пех, кога еден од најдобрите ракометари на “црвено-црните” Алекс Душебаев поради повреда мораше да го напушти теренот, што беше голем проблем за тренерот Раул Гонзалес. И покрај проблемите “црвено-црните” одговорија на најдобар можен начин и преку расположените Дибиров и Горбок повторно поведоа со 16-17 во 27 минута. Но последните три минути не одеа во корист на нашиот тим па екипата на Монпелје до крајот на првиот дел направи нова серија од 3-0 и ги постави конечните 19-17 на полувреме.

Во второто полувреме свое гол шоу на теренот имаа словенечките репрезентативци во екипата на Монпелје. Кавтичник, Доленец и Габер го водеа својот тим до најголемата предност од +4, најпрво во 38 минута ( 25-21) и во 45 минута (28-24). Вардар постојано се обидуваше да се врати во игра, а по исклучувањето на Лалушка во 46 минута успеа да се врати на -2 (28-26). Во 49 мунута следуваше нов пех за “црвено-црните” кога Сергеј Горбок доби директен црвен картон за стартот над Габер. На седум минути пред крајот Монпелје повторно ги имаше најголемите +4 (32-28). Овој тим на Вардар покажа дека е и психички доста подготвен оваа сезона кога приреди ново враќање во овој натпревар. Со серија од 6-2 буквално во последните 5 минути во која Алем Тоскиќ беше незадржлив на линијата од 6 метри , Вардар даде до знаење дека ќе биде тешко совладлив оваа сезона. Тоскиќ со својот петти гол на натпреварот намали на 33-32 на пет минути до крајот. Но извонредниот Греби со својот 11 гол повторно ги врати Французите на +2 (34-32) на четири минути до крајот. Вардар не се предаваше и најпрво преку Лацковиќ намали на 34-33. Во овие моменти извонреден на голот на Вардар беше Арпад Штербик кој со своите интервенции овозможи неговиот тим да се бори за израмнување. Тоа го искористи Игор Карачиќ кој со гол буквално на 10 секунди пред крајот ги постави конечните 34-34. Во последните секунди Илија Абутовиќ во обид да го спречи последниот удар на французите остро стартуваше врз Греби и заработи директен црвен картон. Но целта е исполнета, Вардар се враќа непоразен од тешкото гостување во Франција.

Најпрецизни во екипата на Монпелје беа извонредниот Греби кој постигна 11 гола,а Гајиќ беше стрелец на 7. Најдобри ракометари во екипата на Вардар беа Тимур Дибиров со 9, и Карачиќ со 7 гола.

Во следното коло Вардар на домашен терен го пречекува Веспрем, а дали ќе игра во полн состав по двата црвени картони на овој натпревар ќе одлучи Судот на ракометот на ЕХФ во претстојните денови.